Принцот Хари и Меган Маркл откако ќе се повлечат од кралските должности на крајот на месецот планираат да основаат добротворна организација чија цел ќе биде да им помогне на повредени ветераните бездомници.
Војводата и војвотката од Сасекс сакаат да им помогнат на поранешните војници како во Велика Британија така и во Соединетите Американски Држави. Како што пренесува „Дејли мејл“, Хари и Меган сакаат да го решат проблемот на голем број бездомници и поранешни воени лица кои имаат потреба од здравствена нега.
Новата добротворна организација ќе биде нивниот прв ангажман откако во јануари најавија дека ќе ги напуштат кралските должности и ќе заминат во Канада. Извори од кралската палата тврдат дека кралицата ја поздравила нивната иницијатива за помош на воени ветерани.
Хари и Меган вчера ја извршија нивната последна официјална должност пред формалното повлекување на крајот на овој месец. Покрај кралицата Елизабета, принцот Чарлс, Камила и принцот Вилијам и Кејт, тие присуствуваа на годишната миса посветена на основање на Комонвелтот на нации во Вестминистерската опатија.
Во неделата ја придржуваа кралицата на црквена служба во Виндзор. Тоа беше првпат Меган и кралицата да се видат откако најавија дека ќе се преселат во Канада.
Хари и Меган во моментов престојуваат во Велика Британија за да ги извршуваат низата официјални должности. Британските медиуми пишуваат дека синот Арчи го оставиле во Канада.