Џулија Робертс и Ева Лонгорија се меѓу ѕвездите кои ќе земат учество во 24-часовниот глобален лајв стрим (видео пренос) за поддршка на луѓето среде пандемијата на коронавирус.
Повеќе од 200 забавувачи и светски лидери ќе учествуваат на настанот, наречен „Повик за обединување“ во петок (1 мај). Програмата вклучува разговори, претстави, совети и лекции за поддршка на луѓето во време на кризата Ковид-19.
Меѓу учесниците ќе бидат и Џорџ Буш, Опра Винфри, Џош Гробан, Џенифер Гарнер, Квинси Џонс, Менди Мур, Наоми Кембел, Мартин Шин и Аланис Морисет.
На веб-страницата на настанот пишува: „Повикот за обединување е 24-часовен глобален лајв стрим настан кој ги поканува луѓето ширум светот да ја прослават нашата заедничка хуманост,“ пренесува „Ројтерс“.
„Ќе бидеме солидарни со оние што преживуваат болка, страв, осаменост и тага – и ќе понудиме надеж и поддршка додека градиме нова иднина заедно.“
Гледачите исто така ќе можат да донираат – волонтерска или финансиска помош – во напорите за справување со коронавирусот.