Модната куќа „Ив Сен – Лоран“ објави дека планира да се откаже од својатa нова колекција планирана за ревијата на Модната недела во Париз. Компанијата, што таму требаше да ја претстави колекцијата за претстојната сезона пролет 2021 година, нема да го следи пропишаниот календар на колекции до крајот на годинава. Како основна причина за оваа одлук на францускиот моден бренд е пандемијата на коронавирусот.
„Свесен за моменталните околности и нејзините бранови на радикални промени, Сен-Лоран одлучи да ја преземе контролата врз своето темпо и да го смени својот распоред. Сега повеќе од кога било, брендот ќе води свој ритам, легитимирајќи ја вредноста на времето и ќе се поврзе со луѓето на глобално ниво со приближување до нив во нивниот простор и живот“, стои во официјалното соопштение од компанијата.
Ревиите на Сен-Лоран во Париз секогаш во позадината ја имаат Ајфеловата кула. Тие се едни од најбараните за време на Модниот месец. Уметничкиот директор на брендот, Ентони Вакарело, во време на неизвесност, кога се затвораат деловните активности на глобално ниво, смета дека не треба да пренесуваат порака за гламур и луксуз.
„Пандемијата нè принуди наеднаш и целосно да ги промениме нашите навики, однесување и интеракции со другите“, рече тој за WWD. „Нашата одлука да не бидеме дел од претходно утврдениот календар оваа година, произлегува од нашата желба да ја признаеме важноста на нашето време, на нашиот живот. Одреден начин на живеење повеќе од одреден начин на облекување. Она што сега не е во мода е распоредот на целиот систем: ревиите, изложбените салони, нарачките“.
„Фактот дека продавниците ширум светот се затворени веќе неколку недели, а некои производствени места исто така, влијаеја на рокот на траење на колекциите. Ова треба да се земе предвид при развојот на следните пред-колекции, а секоја марка ќе го стори тоа на начин што најдобро одговара на нејзината понуда“, рече Франческа Белетини, претседател на „Сен – Лоран“ и претседател на Синдикалната комора на женската мода.
Одлуката францускиот бренд да се повлече до крајот на годината следи по одлуката на Марк Џејкобс да ја прескокне Њујоршката модна недела, објаснувајќи дека заради пандемијата е речиси невозможно да се создаде колекција.
„Најавата на Сен- Лоран дека нема да одржуваме настани во 2020 година според вообичаениот календар, не ја намалува улогата или важноста на Модната недела во Париз – што е, едноставно, најдобриот во светот. Париз е местото каде што секој дизајнер се стреми да се покаже. Ова не е збогум на Модната недела во Париз, но промената што сметаме дека е неопходна во овој момент и во овие исклучителни околности, сега е поважна“, рече Белетини.