И покрај мерките на забрана поради коронавирусот, во Сараево имало приватна забава за дваесеина луѓе. На оваа забава биле пејачите Халид Бешлиќ, Шериф Коњевиќ, Хари Варешановиќ, Слаѓана Мандиќ, Семир Цериќ Коке, потоа деканот на Ветеринарскиот факултет во Сараево Нихад Фејзиќ, кој е и член на телото за следење и анализа на ситуациите предизвикани од коронавирусот во Кантонот Сараево и министерот за надворешна трговија и економски односи Сташа Коштарац, пишува Klix.
Забавата, како што се вели, била во ресторанот зад спуштени ролетни, иако забраната за работа на угостителските објекти и натаму важи во Босна и Херцеговина. Тие во ресторанот наздравувале и пееле, пејачката Слаѓана Мандиќ тоа го споделувала на Инстаграм, а потоа ги избришала видеата, но тие пак завршиле на Youtube.
По пријавата, полицијата за 15 минути пристигнала во ресторанот. Гостите се казнети со по 500 КМ, а газдата на ресторанот ќе заработи казна помеѓу 2.000 и 10.000 КМ.
„Срамота, ова е неверојатно! Луѓе што преку ден повикуваат строго да се почитуваат мерките, вечерта самите ги уриваат, додека половина милион луѓе во градот се во карантин. Никој не е над законот и сите ќе си ги добијат казните“, изјавил за сараевски „Аваз“ министерот за внатрешни работи Исмир Јусо.