Поместувањето на северниот магнетен пол ќе влијае на мапите и телефоните, велат група европски научници, пренесува српски Курир. Тие објаснуваат дека северниот магнетен пол на Земјата забрзано се движи од Канада кон Русија, а поместувањето го забележале со модел кој можел да ја опише оваа појава, пишува Би-би-си“.
Користејќи ги податоците собрани со помош на сателит, авторите на научното истражување, кое е координирано од Универзитетот во Лидс во Велика Британија, ги измериле промените во магнетното поле на Земјата во изминатите 20 години, со настојување да најдат модел кој ќе го прикаже поместувањето на северниот магнетен пол.
Поради промената во движење на растопеното метално јадро, во внатрешноста на планетата, доаѓа до промена во јачината на негативниот магнетен флукс, во подрачјата кои се наоѓаат над него и токму поради тоа, северниот магентен пол од арктичкото подрачје на Канада тргнал кон Сибир, преминувајќи ја Меѓународната датумска граница.
Кога станува збор за секојдневниот живот, брзото поместување на северниот магнетен пол на Земјата доведе до потребата за почесто ажурирање на навигациските системи, вклучувајќи ги и оние кои се користат за прикажување на географските мапи на мобилните телефони.
Моделот кој научниците го развиле покажува дека северниот магнетен пол, кој досега се поместувал за најмногу 50 до 60 километри годишно, продолжува да се движи кон Русија, како и тоа дека неговото движење со време ќе забави, но засега не е можно да се предвиди дали истиот во иднина ќе се врати на претходната позиција.