Со песната „Ѓердан“, македонскиот музичар Васил Гарванлиев победи во категоријата за најдобра песна на Global Culture Initiative, светски фестивал на фолк-култура и уметност, кој годинава ќе се одржи во Доха, Катар. На овој глобален фестивал учествуваа над 4.000 уметници од пет континенти. Во гласањето што траеше еден месец, освен жирито, се вклучија и 26 милиони гласачи од 150 земји од светот. Тие решаваа за победниците во три категории: инструменти, глас и танц.
„Сè уште не ми се верува дека победив. Чест ми е што ја претставувам Македонија на ваков светски реномиран фестивал, а особено сум среќен што одлучивме да се натпреварувам со ‘Ѓердан’, песната што ја посветив на нашата тактовина и која ме врати назад во моето родно место“, рече Васил за „Репортер“.
Пејачот, кој требаше годинава да ја претставува Македонија на „Евровизија“ во Холандија, ни раскажа дека организаторите од претходно го поканиле да пее на гала-забавата што треба да се одржи во ноември во Доха, Катар, но дека дури денес дознал дека е победник.
„Не можам да опишам колку ми значи тоа што добив награда во волку силна конкуренција. Затоа, сакам да им препорачам на сите уметници да не се откажуваат од својот сон дури и во вакво време кога светот стои“, додаде Васил.
Песната „Ѓердан“ беше објавена во септември 2018 година. Музиката е на Саша Драгиќ, текстот го напиша Весна Малинова, а аранжманот го направи Диран Тавитијан.
Васил во меѓувреме работи на новата песна и спот кои ќе ги промовира на крајот на овој месец.