Холивудскиот глумец Џони Деп, кој го тужи таблоидот „Сан“ за клевета, на судењето во Лондон призна дека на својата ќерка Лили Роуз првпат ѝ дал да проба марихуана кога имала 13 години. Toj првин негирал дека некогаш ѝ дал наркотици на ќерката, но потоа рекол дека секој родител би требало да го направи тоа да го запознае детето со опасностите што постојат и дека себеси се смета за одговорен родител.
„Никогаш не ја охрабрував ќерка ми да користи марихуана. Но, таа имаше 13 години, а знаете како е на 11, 12, 13, кога ќе отидете на забава, ви приоѓаат луѓе што ви нудат алкохол оти тие пијат. Така беше и со Лили Роуз. Ја седнав и ѝ реков: ‘Слушај мила, ако си на журка и некој ти понуди џоинт, земи го и подај го на тој што седи до тебе. Не експериментирај со дрога со луѓе што не ги знаеш. Кога ќе бидеш спремна да пробаш нешто, направи ми мерак и дојди кај мене затоа што не сакам првото искуство да ти биде со луѓе што не ги знаеш и да пробаш работи што се сомнителни“, рекол Деп.
Тој повторил дека себеси се смета за одговорен родител, кој не сакал детето да му доживее параноја додека е незаштитено.
„Знаев дека марихуаната што ја имам е квалитна, а бев решен, ако веќе сака да проба нешто, тоа да го направи на место каде што се чувствува безбедно“.
Деп рекол и дека пред да го направи тоа, се консултирал со Венеса Паради, мајката на Лили Роуз, и дека двајцата заклучиле дека е најдобро тој да ѝ понуди дрога наместо кој било друг.
„Што се однесува до мене, јас се однесував нормално и сметам дека секој родител треба да го направи тоа за своето дете“, додал глумецот.