Освен 15.000 евра плата месечно, италијанските пратеници зеле и државна помош од 600 евра

Италијанските медиуми објавија дека некои од тамошните пратеници, покрај платите што ги земаат секој месец во висина од 15.000 евра, добиле и државна помош од 600 евра, која е предвидена за вработените во оваа земја со цел да се ублжат последиците од пандемијата на коронавирусот.

Медиумите ги објавија приходите на политичарите во Италија, а меѓу нив се најдоа пет италијански пратеници, но и голем број градоначалници и регионални претставници.

Ваквиот потег наиде на голема осуда во јавноста во Италија. Италијанските сенатори примаат и до 14.634 евра месечно, средства во кои се вклучени основната плата, но и разни надоместоци, а пратениците во долниот дом од италијанскиот парламент примаат и до 13.971 евро.

Весникот „Кориера дела сера“ истакнува дека членовите на парламентот не плаќаат железнички и авионски превоз.

Премиерот на Италија, Џузепе Конте, без парламентарниот додаток, прима 114.000 евра бруто годишно, а според последната даночна пријава, поднесена пред да почне да се занимава со политика во март 2018 година, благодарение на професијата адвокат, тој пријавил поголем приход во износ од милион и сто илјади евра.

Како што наведува италијанскиот весник, платата на регионалниот претседател е ограничена на износ од 13.800 евра месечно бруто.

Одлуката на пет италијански пратеници да земат бонус од 600 евра наиде на осуда од многубројни политички партии, а шефот на италијанската дипломатија, Луиџи ди Мајо, изјавил дека политичарите што зеле бонус мора да ги вратат парите и да се извинат.

Италијанската влада овозможила бонус од 600 евра за работниците за да ги ублажат последиците од пандемијата и од рестрективните мерки, за кои меѓу март и април биле издвоени речиси шест милијарди евра.
Scroll to Top