Белорускиот претседател Александар Лукашенко, денеска на митингот пред своите приврзаници во Минск, јавно им упати порака на западните лидери и земјите членки на НАТО, дека нема намера да се повлече, ниту да ги повтори изборите, за кои опозицијата ги смета за наместени.
„Белорусија ќе пропадне ако се согласиме на повторување на претседателските избори. Раководството на НАТО не повика да одржиме нови избори. Ако се согласиме, ќе пропаднеме“, изјавил Лукашенко.
Тој смета дека изборите се валидни, затоа што не може да се фалсификува 80% од поддршката на народот. Тој им се заблагодари на сите кои дојдоа на митингот, додавајќи дека бил принуден да го повика народот на помош.
Тој потсетил дека во негово време, Белурисите за првпат во историјата создале независна држава.
„Ако Белорусите сакаат рефори, утре ќе ги започнеме“, изјави Лукашенко, кој им вети на своите приврзаници дека ниту мртов нема да ја даде Белорусија.
Тој побара од своите противници да не им прават притисоци на новинарите во државните медиуми и нивните семејства.
„Да не даде Господ нешто да им се случи. Ќе одговарате“, изјави Лукашенко, додавајќи дека тој не е виновен за насилствата кои се случија на улиците, туку опозицијата.
Лукашенко побара опозицијата да не си игра со оган и да ги остави и војниците на мира и да не ги заплашува. Тој во својот говор потсети дека НАТО ги преместува силите на западните граници од државата.
„Тенкови и авиони се на 15 минути од нашите граници. Се зголемува воената сила на западните граници на нашата држава“, изјавил Лукашенко кој на крајот падна на колена пред толпата народ.