Во пролетта 2019 година Џо Бајден одлучил да влезе во претседателската трка за номинација на Демократската партија, а на крајот на август 2020 година и официјално стана кандидат на демократите. Џозеф Робинет Џо Бајден Помладиот е роден на 20 ноември 1942 година во Пенсилванија. Тој е најстар од четирите деца. Во себе има ирска, француска и англиска крв.
Се изјаснил како католик. Кога имал 11 години неговото семејство поради економски проблеми се преселило во Клејмон, на самиот север од државата Делавер. Иако бил лош ученик, за него велат дека бил природен водач, па другарите во повеќе наврати го бирале за претседател на одделението.
Во средно училиште Бајден се покажал како одличен играч во американскиот фудбал. По дипломирањето, ја запознал неговата прва сопруга Нилија Хантер, која ќе стане мајка на три негови деца, синовите Џозеф III, Хантер и ќерката Наоми.
Се запишува на докторски студии по право, каде што е обвинет за плагијат. Во своја одбрана, Бајден изјавил дека тоа го направил ненамерно, но сепак морал да паузира еден семестар.
Бајден во 1972 година се кандидирал за сенатор на Делавер. Со малку пари, тој успева да однесе тесна победа. Само месец дена подоцна, целото негово семејство имало сообраќајна несреќа во која загинува неговата сопруга и едногодишната ќерка.
Во тој момент Бајден размислувал да се повлече од местото сенатор, за да се грижи за повредените синови. Сепак се откажал од тоа, па сенаторската должност ја извршувал до јануари 2009 година, кога станал потпретседател во мандатот на Барак Обама.
Во 1977 година Бајден се оженил со неговата сегашна сопруга Џил, која четири години подоцна ќе му ја роди ќерката Ешли. Додека ја извршувал функцијата сенатор, Бајден учествувал на внатрепартиските избори во 1987 година за претседателската номинација на Демократската партија.
Таа кампања за кратко време беше прекината поради објавувањето на неговите приватни и академски пропусти и поради неговата здравствена состојба. Следната година имал две операции на мозокот и поминал седум месеци во болница.