Републиканецот од Северна Дакота, Дејвид Андал, освои место во Претставничкиот дом, а пред речиси еден месец, на 5 октомври, починал од Ковид-19.
Андал се кандидирал со уште еден републиканец – Дејв Нернигм, а двајцата кандидати ги победиле демократските противкандидати, пренесува „Њујорк пост“.
Но, четири дена по хоспитализацијата поради болеста, Андал починал, изјавила мајка му Пат Андал.
Таа за локалниот весник The Bismarck Times изјавила дека нејзиниот син вложил многу труд во кампањата и бил многу внимателен во котантактот со мештаните.
Андал имал 55 години кога починал, а претходно победил на примарните избори, на кои го поддржа сенаторот Кевин Крејмер, наведувајќи дека потребни се уште републиканци во државното законодавно тело.
На неговиот фејсбук-профил неговата кампања и понатаму стои објавена на врвот на страницата. Како ќе заврши оваа правна приказна, ќе одлучат локалните републиканци, но изборното законодавство во делот на американските држави не дозволува замена на кандидатите во текот на траењето на изборниот процес, па дури ни по неговата смрт.
Слична ситуација се случи пред еден месец и во Европа кога градоначалник од романското место Девеселу, кој почина од коронавирус, победи на локалните избори.
„Политико“ укажува дека во текот на октомври во Северна Дакота дошло до драматично ширење на заразата со коронавирусот и дека оваа држава води во САД во бројот на случаи на 100.000 жители, според податоците на проектот „Ковид трекинг“ .