(Видео) Се пробуди вулканот Етна, лава и пепел до 100 метри во височина

Најголемиот и највисок активен вулкан во Европа, Етна, се пробуди. Лавата од Етна се излеала на две места, дел се излеал кон пустата долина Бове, а другиот се прелеал кон северниот дел од кратерот на вулканот. Ерупцијата на лава, проследена со облак од пепел, која достигнала височина од 100-ина метри, била спектакуларна, раскажуваат очевидци.

Вулканскиот пепел ги прекрил автомобилите во околните села на Сицилија кога југоисточниот кратер исфрлил лава. Локалните власти известуваат дека црн пепел е пронајден и на места оддалечени 20-ина километри од Етна.

Ерупцијата била видлива од градот Таормина оддалечен педесетина километри од вулканот.

 

Италијанските медиуми потсетуваат дека на Бадник во 2018 година, поради ерупцијата на Етна, беше прекинат авиосообраќајот, а четири дена подоцна земјотрес со епицентар во близина на Катанија со јачина од 4,9 степени по Рихтер го потресе островот.

Првото регистрирано сведоштво за ерупција на Етна, вулкан висок 3.300 метри, датира од 425 година пр. н.е. и иако ерупциите се чести, тие сепак не предизвикуваат голема штета.

Scroll to Top