„Си-би-ес“ објави неколку кратки видеа од најавеното интервју на популарната американска водителка Опра Винфри со принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл.
На видеото поранешната кралска двојка зборува за кралскиот живот и зошто тие решиле да го напуштат семејството и да заминат во Америка. Хари зборува дека стравувал за животот на неговата сопруга и дека се плашел дека ако останат, Меган би можела да ја доживее истата судбина како и неговата мајка, поранешната принцеза Дајана, која трагично загина во сообраќајна несреќа. За нејзината смрт подоцна се јавија бројни теории дека кралското семејство, на некој начин е поврзано со трагичниот настан.
Хари зборува дека Меган на почетокот кога стапиле во брак, поминала низ тежок период, но дека тој бил тука за неа и дека двајцата си биле поддршка.
„Барем се имавме еден со друг“, прокоментирал Хари на видеото.
Целосното интервју се очекува да се емитува во САД на 7 март. Засега останува нејасно кога ќе се прикаже во Велика Британија. Во интервјуто Меган зборува за бракот, мајчинството, за животот како член на кралското семејство и како се справува со притисокот од јавноста, соопшти „Си-би-ес“.