Судот во Лос Анџелес пресуди во корист на актерката Софија Вергара, во спорот што таа го водеше со нејзиниот поранешен свршеник, Ник Лоеб, за старателството над ембрионите што ги дала да се замрзнат додека биле заедно, пишува магазинот „Пипл“.
Вергара (48) и Лоеб (45) ја раскинаа свршувачката во мај 2014 година, откако беа на ин витро оплодување една година порано. По раскинувањето, ѕвездата на серијата „Модерно семејство“, се омажила за глумецот Џо Манганиело во ноември 2015 година.
Во 2017 година, Вергара поднела барање пред судот во Калифорнија да го спречи Лоб да ги користи замрзнатите јајцеклетки складирани во Центарот за репродукција во Беверли Хилс без нејзино писмено одобрување. Судот конечно пресуди во корист на актерката, прифаќајќи го нејзиното барање за трајна забрана и спречувајќи го Лоеб да ги користи замрзнатите ембриони „за да создаде дете без конкретно писмено одобрение од друго лице“.
Според судските записи, Лоеб и Вергара потпишале документ во клиниката за плодност во кој се согласиле дека двете страни мора да се согласат да направат било што со ембрионите. Лоеб претходно тврдел дека тој го потпишал документот под принуда.
Судот утврдил дека нема материјален факт со кој би се поткрепило неговото претходно тврдење дека тој и Вергара имале усмен договор што ќе му овозможи да ги внесе ембрионите во сурогат-мајка за таа да му роди дете.
Освен во Калифорнија, Лоеб се обидел да добие старателство над оплодените јајца и во Луизијана, надевајќи се дека државата ќе им даде правен статус на ембрионите. Тој случај бил прекинат во јануари кога судот во Луизијана застанал на страната на Вергара.
Адвокатот на Ник Лоеб изјавил дека ќе се жали на одлуката пред Врховниот суд во Луизијана, пишува Пипл.