Сликата посветена на здравствените работници, што популарниот уметник Банкси ја наслика лани во мај, е продадена за 23,2 милиони долари преку аукциската куќа „Кристи“. Парите од продажбата на ова дело ќе им бидат дадени на неколку хуманитарни и здравствени организации во Велика Британија.
Делото со наслов Game Changer се појави лани на ѕид на болницата во Саутемптон, а прикажува момче кое се игра со играчка во форма на медицинска сестра суперхеројка, а фигурите на Бетмен и Супермен се фрлени во канта за отпадоци.
Според „Кристи“, ова е светски рекорд за дело на Банкси. Репродукција од делото ќе остане во болницата.