Телевизиската детска серија „Зоки Поки“ и покрај тоа што доживува успех низ цела Скандинавија и се прикажува во Финска, Данска, Шведска и Норвешка, сепак снимањето на втората сезона е во неизвесност, вели продуцентот Роберт Насков.
Серијата се прикажува на националните телевизии во „СВТ“ во Шведска и „НРК“ во Норвешка, велат од продукцијата „Кино Око“ и емитувањето на четирите национални телевизии во скандинавските земји, значи потенцијал за огромна гледаност.
„Емитувањето на овие четири национални телевизии значи потенцијал за огромна гледаност на ‘Зоки Поки’. За македонската кинематографија, ова е успех од историско значење. ‘Зоки Поки’ е единствената македонска серија и воопшто програма од овие простори што се емитувала на јавните сервиси во овие четири земји“, велат од продукцијата.
Но, и покрај големиот меѓународен успех на серијата, втората сезона е во неизвесност.
„За жал, овој голем успех не наидува на поддршка од институциите во Македонија, кои имаат обврска да финансираат детска и образовна програма, па затоа ʻЗоки Покиʼ нема да има продолжение. Ова е голема штета за нашите деца, кои се соживеаја со серијата и сакаат и натаму да уживаат во авантурите на Зоки Поки и неговата дружина“, вели продуцентот Роберт Насков.
Модерната екранизација на популарната детска книга на Оливера Николова е во продукција на „Кино Око“, во копродукција со Македонската радио-телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија. Режисери на епизодите се Марија Апчевска, Александар Поповски, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ, а сценариото го напишаа Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.