Холандска компанија ќе однесе речиси 200 луѓе на осумдневен одмор во Грција кој ќе претставува експеримент. Целта е да се види дали може да се организираат туристички патувања за време на пандемијата на коронавирусот.
Одбраните среќници ќе добијат патување на грчкиот остров, Родос, ваучер од 399 евра, и сите платени трошоци. Патниците нема да смеат да го напуштат одморалиштето и ќе треба да бидат во карантин до 10 дена, кога ќе се вратат назад во Холандија. Досега се пријавиле над 25.000 луѓе за експериментот поддржан од холандската влада.
Експерименталниот одмор ќе го организира туристичката агенција „Санвеб“, која што нуди 187 аранжмани за лица од 18 до 70-годишна возраст. Патниците ќе бидат тестирани пред и по патувањето во Родос. Доколку некој се зарази со коронавирусот за време на патувањето, ќе мора да се изолира во хотел во Грција, но трошоците за карантинот ќе бидат покриени од туристичката агенција.
Патниците ќе добијат ексклузивен пакет за престој во одморалиште во Родос, а вработените ќе бидат единствените други лица во одморалиштето. Патниците ќе може да ги користат базените и рестораните, но нема да смеат да излезат на плажата.
Инаку, и тамошните власти ги советуваат луѓето да го одбегнуваат патувањето во странство, освен доколку е навистина потребно, барем до средината на мај.
Тие спроведија повеќе експерименти за „враќање во нормала“, а еден од повпечатливите беше тест-фестивалот во близина на Амстердам, каде сите присутни мораа да приложат негативен тест за коронаавирус за да можат да добијат пропусница.