„Егзит“ ќе даде 1.500 ковид-вакцини за странски гости и 3.000 влезници за медицински лица

Министерството за здравство на Србија ќе обезбеди 1.500 ковид вакцини за изведувачите и странските гости на фестивалот Егзит што ќе се одржи од 8 до 11 јули во Нови Сад. Фестивалот, кој традиционално ќе се одржи на Петроварадинската тврдина, ќе биде еден од првите големи европски фестивали ова лето.

Освен вакцините, Егзит ќе даде и 3.000 влезници за отворањето на Фестивалот за медицинските работници.

Српската премиерка Ана Брнабиќ и Кризниот штаб на Република Србија, најавија дека се надеваат оти на 21 јуни ќе биде дозволено одржување на фестивалите и концертите и дека Егзит ќе се одржи според планираното.

Егзит и останатите српски фестивали минатиот петок ја почнаа националната кампања за вакцинација, чиј фокус се младите – да го дадат својот придонес кон враќањето на нормалниот живот и да се вакцинираат. Кампањата има две пораки: „Нема повеќе да играм/вртам/свирам сам(а)“ и „Има ли некој подобра идеја“.

„Благодарение на успехот во масовната вакцинација и сѐ подобрата епидемиолошка ситуација, желба ни е за Светскиот ден на музиката 21 јуни да ја отвориме земјата за собири, концерти и фестивали. Одржувањето на Егзит фестивалот, со кој Србија се годрее во светот, ќе биде еден од важните симболи на победа над пандемијата“, изјави Брнабиќ.

Според протоколот за одржување фестивали, на Егзит ќе можат да влезат оние кои се вакцинирани, кои имаат потврда дека прележале Ковид-19, кои поседуваат негативен ПЦР или антигенски тест.

Организаторите на Егзит веќе ги најавија скоро сите гости, а листата на учесници се состои главно од врвни имиња од електронската сцена.

Scroll to Top