На националниот натпревар на ученички компании, на кој учествуваа 23 ученички тимови од 14 средни училишта од земјава, првото место го освои компанијата „LifePal” (Лајвпал) од гимназијата „Никола Карев” од Скопје. Тие нудат интересно и практично решение за непредвидливи ситуации од секојдневниот живот на училиште, работа или при рекреација. Тимот од оваа гимназија ќе ја претставува земјата на европскиот натпревар на ученички компании во Литванија.
Ученичката компанија од скопската гимназија „Никола Карев“ како решение за непредевидливите ситуации нуди неопходни сетови, мали пакетчиња составени од по неколку производи, како на пример сет за прва помош, влошки за девојките, козметички сет за девојки, односно момчиња и слично, кои ќе бидат лесно достапни преку поставени вендинг-машини. Наставник ментор на ученичкиот проект е професорката по социологија Валентина Панџарова, а во тимот се учениците Јована Јосифовски, Анастасија Димитрова, Анастасија Серафимовска, Мила Ќурчиска и Јана Иванова.
Ученичката компанија “LifePal“ од „Никола Карев“ ќе ја претставува Македонија на европскиот натпревар на ученички компании во Литванија во организација на Џуниор ачивмент Европа и Џуниор ачивмент Литванија.
Второто место го освои ученичката компанија „TechBook”од гимназијата „Јосип Броз Тито” од Скопје, која понуди смарт тетратка и веб-страница, додека третото место го освои ученичката компанија „Grow Green” од СУГС „Кочо Рацин“ од Скопје, која разви идеја за екокафетерија, чии производи се биоразградливи и еколошки.