Дозволени свадби без оро и гушкање, ќе пеат само лиценцирани уметници, а гости може да бидат само оние со температура пониска од 37,5

Од денес може да се организираат свадби со гости кои ќе имаат температура пониска од 37,5 степени, а другите ќе бидат вратени. Организаторот на свадбата ќе мора да ги контролира гостите дали се гушкаат, а доколку тоа се случи, да ги опомене и да им забрани. Истото правило важи дури и за ракување. Според протоколот за организирање свадби, вакви прослави може да има само на отворен простор. Ако на некој му се танцува, ќе може само ако во негова близина нема никој или на дистанца од 2 метра. Па, така, нема да има ни ора.

„Бројот на гостите се ограничува на максимум 50 % и не смее да се повеќе од 100 гости. Задолжително е при влегувањето гостите да бидат спроведени од одговорно лице од угостителскиот објект. Организаторот треба да достави листа на гости и распоред на маси за седење до одговорниот менаџер на угостителскиот објект, кој има обврска да го евидентира секое лице – гостин на прославата. Ако дојдат лица што не се евидентирани во листата на гости, по добиено одобрение од организаторот, ќе им се одобри присуство и тој ќе ги внесе во листата за евиденција на присутни гости“, стои во протоколот.

Жива музика може да има, но музичарите да се оддалечени 5 метри од најблиската маса за гости. Меѓу присутните не смее ниту да се движат ниту да им пеат на уво. И во овој дел има ограничување. Според протоколот, на свадба може да пеат само естрадни уметници, кои се лиценцирани.

„Јачината на музиката не треба да ја надминува пропишаната граница на јачина во угостителски објект. На гостите им е дозволено да влезат во затворениот/внатрешниот дел од објектот при потреба да користат тоалет. При престој на гостин во затворениот/внатрешниот дел на објектот задолжително е носење заштитна маска за што мора да бидат поставени јасни известувања во објектот. Вработените во угостителскиот објект задолжително носат заштитни маски преку устата и носот и зачестено одржуваат хигиена и дезинфекција на рацете. Дозволен е максимален број од 6 лица на една маса, со задолжително почитување на пропишаното растојание помеѓу секој гостин и растојание помеѓу масите. He е дозволено послужување гости на масите за стоење и на шанк. Засилени внатрешни контроли на вработените лица од страна на одговорно лице за одржување на личната хигиена (често миење раце) во сите фази на подготовка, прием и послужување храна“, се додава во протоколот.

По завршување на свадбата, задолжително е механичко чистење и дезинфекција со антивирусно средство. Исто така, мора редовно да се одржува хигиената во тоалетите, со задолжително водење евиденција за спроведеното чистење и употреба на препорачаните антивирусни дезинфекциски средства.

Scroll to Top