Во неколку турски провинции што се наоѓаат на брегот на Црното Море среде јуни падна снег. Снег падна во голем број високопланински села во провинциите Ардахан, Ризе и Болу, а снег има и на популарниот скијачки центар на вулканот Ерџиес во провинцијата Кајсери во централниот дел на земјата, објави Си-ен-ен Турк.
„Времето вчера беше прекрасно. Се разбудивме наутро – сè беше покриено со снег. Не е зима, туку лето, јуни“, изјави жител на селото Каврун Јилас, во провинцијата Ризе, за телевизијата ТРТ Хабер.
Снежна покривка од пет сантиметри има и на планината Улудаг (Олимп) во близина на градот Бурса во западниот дел на Турција.
Турскиот метеоролошки завод предупреди на обилни врнежи од дожд по должина на брегот на Црното Море и ги повика граѓаните да преземат мерки на претпазливост.