„Вон ѕидовите“ е слоганот на втората Парада на гордоста во Скопје, која е закажана за 26 јуни. Сепак, рутата низ градот дополнително ќе биде сооопштена, рече организаторот Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ).
Првата Парада се одржа во 2019, а лани настаните се одржаа онлајн поради ковид пандемијата.
„Имајќи предвид дека парадите на гордоста имаат за цел да ја зголемат видливоста на нашата заедница, слоганот ‘Вон ѕидовите!’ го посветуваме на сите ЛГБТИ+ луѓе кои гордо и достоинствено ќе се приклучат на поворката, но и на сите оние кои од различни причини не можат да бидат отворени и да бидат дел од парадата, давајќи им поддршка и ветување дека здружно ќе продолжиме да работиме на рушење на ѕидовите и креирање нов и подобар свет за сите нас. Конечно, слоганот ‘Вон ѕидовите!’ го посветуваме и на сите луѓе во нашата земја, бидејќи изолацијата и затвореноста меѓу ѕидови е нешто што заедно го искусивме и чие надминување стана заедничка цел и желба“, велат од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.