Воли Фанк, која ги поминала сите тренинзи да стане астронаутка во 1960-тите, ќе биде најстарата личност која патувала во вселената. Таа ќе го придружува Џеф Безос на летот во вселената, што е планиран за 20 јули. Безос ја покани Фанк како почесна гостинка бидејќи чекала 60 години да летне во вселената.
„Во 1961 Фанк беше дел од програмата ‘Меркјури 13’, која требаше да однесе жени во вселената. Иако ги комплетираа ригорозните физички и ментални тренинзи, програмата нагло беше откажана и ниту една од 13-те жени не отиде во вселената. Сега е време“, напиша Безос на Инстаграм.
Фанк е последната жива членка на оваа програма.
„Не верував дека ова некогаш ќе ми се оствари. Ќе уживам во секоја секунда. Едвај чекам“, вели Фанк.
Покрај Безос и Фанк, на летот ќе бидат неговиот брат Марк и мистериозниот патник кој плати 28 милиони долари на наддавањето за последното седиште. Тие ќе се искачат 106 километри над Земјата и ќе имаат можност да искусат микрогравитација, а по десетминутниот лет ќе се вратат назад.