По 25-годишна соработка, менаџерот на поп-пејачката Бритни Спирс, Лари Рудолф, си даде отказ, пишува Би-би-си. Тој во писмото до татко ѝ напишал дека се повлекува по нејзината изјава дека сака да се повлече од јавната сцена. Рудолф е со Бритни од нејзината 14. година.
„Верувам дека во нејзин најдобар интерес е да се повлечам од тимот. На Бритни ѝ посакувам многу здравје и среќа и ќе бидам тука за неа ако некогаш повторно ѝ требам“, рече Рудолф.
Тој објасни дека неговата одлука нема никаква врска со старателството и дека не знаел за голем дел од работите што ѝ се случувале на Бритни досега.
Неговата оставка следуваше само две недели откако таа сведочеше пред судот во Лос Анџелес барајќи да се ослободи од старателството на татка си Џејми Спирс.
Татко ѝ управува со нејзиниот живот и финансии веќе 13 години. Таа објасни дека се чувствувала како заробеник и го обвини Џејми дека ја терал да настапува иако таа тоа не го сакала.