Да не беше Прилеп, немаше да видам снег, прилепска снаа од Кенија раскажува колку го сака градот и македонската храна

Емили Ањанго Аума е жена која е дојдена во Македонија од Кенија. Таа тука живее веќе неколку години и е мажена со приплчанец. Тие заедно ја имаат ќерка Зорица. Емили е родена во Најроби во Кенија, во Африка, а во Македонија за првпат дошла пред девет години кога се омажила.

Пред три години и трајно се преселиле тука со сопругот. За неа македонската кујна е многу вкусна. Тука вели се јаде многу месо, за разлика од Африка каде повеќе се јаде овошје и зеленчук. Разлика има и во лебот, кој во Кенија обично се јаде за појадок со чај, намачкан со маргарин.

„Македонската кујна ми е многу вкусна. Сарма, салати, полнети пиперки, сирење, мусака. Бурек е моето омилено јадење. Уште ширден не сум пробала. Ајварот да не го заборавам. Знам да го правам. Кебапчињата се најубави. Во Струга, Охрид, Скопје имам пробано, сегде, ама во Прилеп се најдобри. И свекор ми готви: посни сарми, гравче-тавче, сé е вкусно и ми се допаѓа храната – се смее Емили која уште не го совладала добро македонскиот јазик.

Единствениот проблем за неа вели дека е климата. Во Кенија нема зима, па проблемите со студеното време и почнуваат од октомври.

„Зима не сакам, многу е студено. Без јамболија и без ракија, уф. Таму сме навикнале со 25-26 степени, секогаш на многу убаво време. Ако врне и температурата падне на 20 степени, студено е и сите сме болни, раскажува Емили за „Зенит“.

Таа работи како волонтерка, физиотерапевт, кај деца со посебни потреби, наставничка по англиски јазик во приватно училиште, а била и инструктор по танци во фитнес клуб, но вели дека таа работа и станале неисплатлива, затоа што клиентите понекогаш не плаќале.

Таа се обидела да работи и како фризер, прави фризури со афро-плетенки не само за прилепчанки, ами и за стружанки, охриѓанки, скопјанки, дури и од Демир Капија.

Емили се потсетува на почетокот кога тргнувала на пат, како баба и’ ја советувала, таму каде што ќе оди да се навикне да ги прифаќа луѓето, за полесно да можат и неа да ја прифатат.

„Сега сум пица-мајстор во пицерија. Правам пици, кафе. Сé што треба. Фала му на Господ, знам сé. Му благодарам и на газдата за поддршката. Има добрина, трпение и разбирање што сум оддалеку. Ме почитува и не ме гледа како човек од друга држава, како странец. Ме прифати како да сум дел од неговото семејството. Од срце му благодарам. Господ да го благослови. Првин, не знаев што е шунка, печурки, кашкавал, како се викаат на македонски. Сега знам сé. Сé може да се работи, ако се има желба, ако се сака“, порачува Емили.

 

Scroll to Top