Пештерскиот човек Панта Петровиќ, познат и како српскиот Робинзон Крусо, ја прими првата доза вакцина против коронавирусот.
Тој веќе 17 години живее во пештера, која се наоѓа на пет километри од Пирот, во подножјето на Стара Планина, каде што нема ни струја ни вода, ама, како вели самиот, не му се ни потребни.
„Оваа слобода што ја имам за пари не можете да ја купите. Кога сум гладен, ќе дојдам на реката, ќе уловам пет-шест риби и ќе ги изедам. Има природа, печурки, сѐ што ми е потребно“, вели тој.
Иако живее како пештерски човек, тој успеал да дознае многу работи за значењето на имунизацијата и одлучил да се вакцинира во амбуланта на Стара Планина.
„Многу луѓе минуваат тука, има минерална вода и таму се лекуваат. Се плашам случајно и мене да не ме заразат и затоа сакав да се вакцинирам“, вели Панта.
Освен што се грижи за своето здравје, тој успеал да наговори уште неколку свои пријатели да го направат тоа и тие да се вакцинираат. Тој апелира сите да го сторат тоа затоа што болеста не избира кого ќе нападне.
Тој вели дека решил да се вакцинира затоа што ако короната дошла во градот и дека само прашање на време е кога таа ќе ги нападне и луѓето од неговото село.
„Подобро да се вакцинираме бидејќи и така останавме малкумина во селото“, вели Петровиќ, кој сега кога ја примил првата доза, очекува повик и за втората.
„Сите мои другари и пријатели се вакцинираа. Јас не размислував многу и апелирам сите да го следат мојот пример. Особено луѓето од селото. Ние сме најзагрозени. Короната лесно може да дојде од град во село, во шума, каде што има луѓе“, вели тој.
Тој се преселил во пештерата во живописниот кањон на реката Градашничка затоа што сакал да ја има слободата и вели дека не се покајал за својата одлука. Тој е познат како одличен мајстор. Има направено три моста за пироќани, а направил и еден вид гондола. Сѐ на негова сметка.
„Ја нарекувам ‘Пантино гнездо’ и уживам во неа, понекогаш знам и да одморам тука. На моја сметка изградив три моста, еден во градот, еден тука во кањонот на реката Градашничка и еден во близина на водопадот кон Књажевац. Најголемиот мост што го изградив беше долг 20 метри и тежеше пет тони. Сите три моста им ги дадов на користење на моите сограѓани. Направив и гондола – ‘Пантино гнездо’, каде што сакам да уживам во возењето, црцорењето на птиците, во шумата, во реката. Гондолата е на висина од 40-ина метри“, рекол Петровиќ.
Иако живее во пештера, жените го обожаваат. Тој е омилен кај нив и вели дека и самиот не знае колку деца има.
„Бог рече да се множиме и Паки го стори тоа. Се вели дека јас ги бркам жените, меѓутоа, тие ме бркаат мене, и треба да ги прашате зошто е тоа така. Не знам колку деца имам, ги имам во странство и овде“, рекол Петровиќ.
Панта не се плаши од волците што знаат да поминат покрај патеката каде што се наоѓа неговата пештера. Од таму вели дека тие се упатуваат кон Стара Планина.
„Минуваат ноќе и ги слушам како се огласуваат. Ги поздравувам на свој начин и им давам до знаење дека тука има луѓе. По тоа, тие само го продолжуваат патот кон планината“, вели Петровиќ.