Хиперавтомобилот „невера“ на хрватскиот претприемач и иноватор Мате Римац има најбрзо забрзување од сите автомобили што се произведуваат денес во светот. „Невера“, кој го произведува компанијата „Римац аутомобили“, за 8.582 секунди помина 400 метри со брзина од 169,58 километри на час, потврди тестирањето на „Фамосо Рејсвеј“ во Мекфарленд, Калифорнија.
Освен што „невера“ постави нов рекорд за забрзување, автомобилот го собори и сопствениот рекорд од 8,62 секунди, што Римац го постави во Хрватска во јуни.
На официјалното мерење на брзината на хиперавтомобилот, „невера“ не ја возеше Мате Римац, туку Брукс Вајсблат од „Драгтајмс“. На видеото што го објави „Драгтајмс“ се вели дека условите за поставување на рекордот се совршени, бидејќи времето во Калифорнија е многу топло, па тимот од „Римац автомобили“ мораше да приспособи некои поставки за оптимално забрзување и возење.
За потсетување, компанијата на хрватскиот иноватор, „Римац автомобили“, неодамна станa мнозински сопственик на „Бугати“, eдно од најпрестижните имиња во светот на суперлуксузните брзи автомобили. Групацијата Римац поседува 55% од акциите на „Бугати“. Хрватската компанија се преименува во „Римац група“ и е поделена на два дела – „Бугати Римац“ и „Римац технологија“. Седиштето на новата компанија ќе биде во Хрватска, а двата бренда ќе продолжат да развиваат модели на автомобили во рамките на компанијата.
Приказната на Мате Римац: Како „Порше“ и „Бугати“ станаа хрватска сопственост