Утринава на инфективното одделение во велешката болница почина Ристе Гиовски, сопственик на стационарот за кучиња „Гиовски тим“, на 54 години од коронавирус. Тој пред десетина дена објави на својот Фејсбук профил дека се заразил со Ковид-19 и дека е хоспитализиран во велешката болница.
Од велешката болица потврдија дека утрово на одделението за инфективни болести починал пациент од ковид-19, без да го откријат идентитетот на починатиот.
Гиовски ѝ беше познат не само на велешката, туку и на македонската јавност како еден од најдобрите дресери на кучиња. Тој во својот стационар вдоми огромен број кучиња скитници.
За него дозна и светот, откако лани беше промовиран првиот македонски детски филм „Стела“, во кој една од главните ликови е шарпланинката Стела, чиј дресер беше токму Гиевски пред и за време на снимањето на филмот.
Првиот македонски семеен долгометражен филм за деца „Стела“ на режисерот Стојан Вуичиќ се работеше две години. Се снимаше на неколку локации во Македонија: Скопје, живописниот Галичник и заврши во Штутгарт, Германија. Филмот имаше премиера минатиот септември на фестивалот Синедејс, а годинава се најде во селекција на Сараевскиот фестивал.