Скулптура во чест на Емилија Динева, првиот дарител на срце и органи, поставена е во градскиот парк во Дојран

Во градскиот парк во Стар Дојран беше претставена урбана инсталација во форма на срце, изработена во знак на благодарност кон хуманоста на семејството на Емилија Динева, првиот дарител на срце и органи во Северна Македонија.
„Идејата на оваа акција е уште еднаш да се оддаде почит на Емилија Динева и нејзиното семејство за овој несебичен  чин и преку јазикот на уметноста да се поттикне органодарителството како врв на хуманост и можност за спасување на стотици животи. Скулптурата ‘Срце за вечноста’ на младиот академски скулптор Андреј Миневски е водена од идејата да се овековечи дарувањето на органи како еден од највисоките чинови на човековата хуманост и можност кога еден живот згаснува друг да се распламти, односно, како што најчесто и бива, да започне одново. Авторот го овековечува херојството на Динева и нејзиното семејство отворајќи и го патот до бесконечноста и незаборавот“, велат иницијаторите на акцијата.
Скулптурата е работена во техника која опфаќа спој на различни материјали, како мермерно брашно, епоксид, метал изработени во стандарден скулпторски опус и доведени до совршенство од вештата рака на авторот.
Реализацијата на проектот е на Центарот за современи уметности – Скопје и Општина Дојран со финансиска поддршка од Фондацијата отворено општество – Македонија.

Scroll to Top