Неодамна во Битола беше отворен првиот кабаре-клуб во Македонија. Со многу музика, костими и забава во стилот на најголемите светски кабареа, над 20 танчари и поп-пејачи секој викенд настапуваат во комплексот „Голд фелиција“. Тие повеќе од два часа играат и ги пеат некои од најголемите светски хитови, преработени во кабаре-стил. Ова е едно од ретките кабареа на Балканот, па веднаш го привлече вниманието на публиката. Гости има од целата земја, ама и од странство, доаѓаат да уживаат во необичното шоу, откри за „Репортер“ пејачот Димитар Андоновски, кој е еден од креаторите на кабарето.
„Не е првпат во Битола да има кабаре. Во градските записи стои дека кабаре постоело и во времето на Отоманското Царство, кога Битола како град на конзулите, заедно со Солун, бил еден од најважните во европскиот дел од Империјата. Но, според информациите, оваа приказна траела многу кратко“, ни раскажа Димитар.
Кабарето е забава што вклучува комедија, пеење, танцување и театар и се изведува најчесто во ресторани и ноќни клубови што имаат сцена. И додека публиката седи на маса, со храна и пијалаци, танчарите и пејачите ги забавуваат гостите од сцената, а понекогаш се движат и меѓу нив.
Во разговорот Димитар ни кажа дека идејата за кабарето во Битола постоела уште пред пандемијата. Во време кога сè стоеше, тој заедно со актерот Жарко Димовски, кореографот Илија Карадаковски и модниот дизајнер Андреј Папаз успеа да ја оживее приказната за македонското кабаре. Тие пет месеци работеа со танчарите и пејачите бидејќи сакаа секој дел од шоуто да биде по теркот на француските кабареа, кои се први во светот, а настанале во времето на Бел Епок во 1880 година.
„Идејата првенствено потекна од бизнисменот Никола Митровски, човек што ја почитува уметноста, особено македонските артисти. Тој одамна имал идеја да создаде една ваква музичка приказна и еве денес таа е реалност. Морам да му се заблагодарам што ми ја даде довербата јас да бидам човекот што ќе го води ова кабаре. Ние на некој начин испишавме историја со овој проект. Кабарето ќе биде отворено секој викенд, петок и сабота, а влезот е бесплатен“, ни рече Димитар.
Андоновски ни откри и дека било многу тешко среде пандемија да се работи овој голем проект, но токму затоа предизвикот бил уште поголем. Вели, сите едвај чекале да дојде премиерата за публиката да го гледа шоуто.
„На многумина не им беше јасно што гледаат и што се случува на сцената. Како да не очекуваа дека може да се случи светски перформанс кај нас. Мислам дека поставивме нови стандарди за тоа како треба да изгледа ноќниот живот кај нас. Во ова тешко време, кога не можеш ништо да планираш и да останеш доследен на тоа со многу мака, труд и енергија, направивме нешто уникатно“, додава тој.
Ни откри и дека пред да ги изберат пејачите, одржале онлајн-аудиција, на која се појавиле многу познати музичари. На крајот ги избрале Александар Тарабунов, Огнен Здравковски, Полина Тасева, Калина Велковска, Христина Јовановска, Жарко Димовски и Кирил Трајковски за кои Димитар вели дека со својот талент одлично се вклопиле во идејата за кабарето.
„Имавме официјален кастинг со многу уметници, но изборот сепак падна на најдобрите. Среќен сум што сите кои се дел од тимот од самиот почеток ја препознаа уникатната идеја и станаа дел од ансамблот на кабарето“, ни изјави тој.
Димитар вели и дека сега, кога тргна работата со кабарето, тој решил пак да ѝ се посвети на својата музичка кариера.
„Набргу ќе ја промовирам мојата нова песна со видеозапис. Ова ќе го означи моето враќање на музиката како соло изведувач откако неколку години пеев со ‘Тајфата’“, рече тој.
Андријана Јовановска