Армани прослави 40 години на линијата „Eмпорио“ со ревија во Mилано

Италијанскиот моден дизајнер Џорџо Армани, одбележа 40 години од формирањето на неговата линија „Емпорио“. Тој своите нови дизајни, тренди и за помладата клиентела, ги претстави на Модната недела во Милано.

„Возбудливо е повторно да се види публика, но таа треба да одговори, да реагира. Повторно се изложуваме на ризик: дека можеби нема да има аплауз, дека луѓето ќе ја напуштат просторијата“, изјави Армани, првиот дизајнер кој пред 18 месеци ги затвори ревиите за јавност поради пандемијата со Ковид-19.

Линијата „Емпoрио“ на Армани настана во време кога италијанската мода почна да остава траги на светската сцена, а дизајнерот сакаше да ја прошири својата публика и на помладите кои имаат многу пари.

„Го паметам денот кога го нацртав орелот, кој стана лого на ‘Емпорио’. Разговарав по телефон со мојот тогашен соработник Серџо Галеоти, кој ми рече дека мора да создадеме наш ‘Лакоста’. Јас си реков: ‘Што лета високо, над сѐ? Орел‘“, вели тој.

Во тоа време, брендот го внесе џинсот во колекциите и со тоа ја изненади јавноста. Ревијата во Милано, Армани ја отвори со дизајн од џинс.

„Продолжувам со иновации. Тоа е мој начин на размислување и никогаш нема да се откажам“, вели 87-годишниот Џорџо Армани.

Фото: АП

Scroll to Top