Џастин Бибер најави дека наскоро ќе почне со производство на свој бренд од марихуана. Тој во понеделникот ја најави соработката со калифорнискиот производител на канабис „Палмсон“, а идејата за новиот бизнис ја најави и во својата популарна песна Peaches.
Како што пренесува „Гардијан“, тој ќе продава пакувања од однапред замотани џоинти, по цена од 32 долари. На почетокот ќе се продаваат само во Калифорнија, место каде е легално рекреативната консумација на марихуана за лица постари од 21 година.
„Соработувам со ‘Палмсон’ затоа што сметам дека канабисот на тој начин ќе биде попристапен. На многу луѓе марихуаната им го подобри менталното здравје“, рече Бибер.
Пејачот рече дека дел од заработката ќе ја донира во добротворната организација Veterans Walk and Talk, која го користи канабисот како дел од терапијата за поддршка на поранешните војници.
„Многумина ме осудуваат затоа што уживам во марихуаната. Но, производите од марихуана го подобрија мојот квалитет на живот и менталното здравје“, рече Бибер.