Шеикот на Дубаи наредил да ѝ се хакира мобилниот телефон на поранешната сопруга за да може да ја следи и прислушува

Шеикот на Дубаи, Мухамед бин Рашид ал-Мактум, наредил да им се хакираат телефоните на поранешната сопруга Хаја бинт ал-Хусеин и на нејзините адвокати додека водат борба за старателството над нивните деца.

Шеикот користел софистициран софтвер „Пегасус“ од израелската компанија НСО, кој државата го користи во борбата против безбедносните ризици. Тој им ги хакирал телефоните на принцезата Хаја, која е полусестра на јорданскиот крал Абдулах, и на сите што биле поврзани со неа.

Освен тоа, неговиот персонал се обидел да купи и куќа покрај нејзиниот имот во близина на Лондон, нешто поради што таа се чувствувала прогонето и несигурно, па судот во Лондон го оценил како заплашување. Таа вели дека не можела да дише поради Мухамед.

Најновата пресуда доаѓа 19 месеци откако судот заклучи дека Мухамед ги киднапирал нивните две деца и кон нив се однесувал лошо. Тој ги држел против нивната волја.

„Ова откритие претставува целосна злоупотреба на довербата и значителна злоупотреба на моќта“, рекол во пресудата судијата Ендру Мекфарлан, претседател на Семејното одделение на судот во Англија и Велс.

Шеикот ги отфрлил сите обвинувања дека им ги хакирал телефоните на својата поранешна сопруга и на нејзините блиски луѓе, а неговите адвокати рекле дека за тоа може да ги обвинат другите земји на Блискиот Исток.

Мухамед и Хаја се вклучени во долга, жестока и скапа битка за старателството над нивните деца откако таа побегнала во Британија со двете деца. Таа рече дека се плашела за својата безбедност откако шеикот се посомневал дека имала афера со еден од неговите британски телохранители.

Меѓу целите на хакерскиот напад била и нејзината адвокатка Фиона Шеклтон, членка на британскиот Дом на лордовите, и која го застапувала и принцот Чарлс во бракоразводната парница со принцезата Дијана.

Со софтверот „Пегасус“ се шпионирале многубројни државници

За потсетување, во јули е откриено дека тајните служби и полицијата незабележително инсталирале софтвер и ги следеле телефонските разговори и дигиталната комуникација на стотина новинари, активисти за човекови права, адвокати и политичари, па сè до претседатели на држави.

Ваквиот хакерски напад бил откриен во заедничкото истражување на новинарите на германските јавни сервиси WDR и NDR, весникот „Зидојче Цајтунг“ и неделникот „Цајт“, како и организацијата Forbiden storis и „Амнести интернешенел“.

Шпионскиот софтвер „Пегасус“ тајните служби и полицијата го набавиле од израелската фирма NSO group. Тоа претпријатие е основано во 2010 година и спаѓа во водечките светски производители на шпионски програми што ги користат 60-ина клиенти од 40 земји.

Како што рекле, сега фирмата вреди повеќе од милијарда евра. „Пегасус“ е во состојба не само да ја следи целокупната комуникација на еден мобилен телефон туку и да пренесува сè што прикажува телефонската камера.

 

Scroll to Top