Новозеландски град се најде на врвот на листата на „Lonely Planet“ на „најдобри туристички градови за посета“ и покрај тоа што е затворен поради пандемијата со коронавиирус и не е достапен за остатокот од земјата и светот, објавија странските медиуми.
Листата на градови се однесува на 2022 година, а „Lonely Planet“ е оптимистички настроен дека веќе следната година Окленд ќе биде повторно отворен за туристи.
Засега, во градот сите посетители мораат да имаат посебна дозвола за влез во градот, дури и ако се жители на остатокот од Нов Зеланд. Во градот постои карантин на трето ниво, односно повеќето продавници, кафулиња и ресторани се затворени и има забрана за собирање во затворени простории.
Што се однесува до целата држава, само државјаните на Нов Зеланд и оние со дозвола за постојан престој или лица кои имаат визи за основните работници смеат да влезат во земјата.
Градоначалникот на Окленд, Фил Гоф, соопшти дека тоа што неговиот град е на врвот на листата ќе биде голем поттик за туризмот и угостителскиот сектор во Окленд, откако градот ќе се врати во нормала и границите повторно ќе се отворат. Иако засега не се знае кога властите ќе почнат со олабавување на мерките.
Веста дека Окленд е на врвот на листата на најдобри туристички локации, ги насмеа Новозеланѓаните, со оглед на фактот дека секој што би се обидел да го посети овој град може да биде казнет, па дури и да биде ставен во притвор.
„Ова е еден вид осамена планета (Lonely Planet), карантин на трето ниво“, напиша еден од жителите на Окленд на социјалните мрежи.
„Тоа веројатно значи дека остатокот од светот е во уште полоша ситуација“, се пошегува некој друг.