Патописката Кристина Паскоска е дипломиран етнолог и антрополог, истовремено сопруга и мајка, романтична душа. Сака да патува и од дете има пасија да ги запознава селата и да истражува оти е вљубена во убавините во Македонија. Но, ретко кој знае дека токму паувањата ѝ помогнале да ги надмине паничните напади и анксиозноста со кои се соочува долго време.
Во интервју за „Репортер“, таа ни откри многу за себе. Од идејата да студира на Етнологија и антропологија, за да ги осознае убавините на нашата држава, до сите премрежја заради анксиозноста која токму со овие патувања ја надминува.
Досега посетила безброј македонски села и градови, но бидејќи немала можност да ги сподели своите импресии со светот, дошла до идеја да го отвори блогот „Мекам“ со патописот за мегалитската опсерваторија Кокино, во Старо Нагоричане. На овој начин, патувајќи од село до село, успева да го најде мирот, особено да се обиде да го надмине стравот кога ќе почнат паничните напади.
Пасоска признава дека уште од најрана возраст се соочува со анксиозност и панични напади, иако тогаш не го знаела точниот термин за она што ѝ се случува. Вели дека не прима никаква терапија за неа, освен што зема витамин Б6 и магнезан неуро и применува вежби за дишење. Таа ни откри дека својот спас го нашла во патувањата, кои воедно се нејзина терапија и излез од негативноста што се создрава при презаситеноста од наметнатните правила во општеството.
На прашањето како ја поврзала анксиозноста со патувањето, таа вели: „Кога за првпат бев во природа, воочив две верзии од себеси. Една верзија која живее во хаотично папсано општество, се бори да излезе на крај со себе си и околината, каде што анксиозноста влијае негативно, и друга верзија која живее на село, истражува, ужива и мекнее, каде што добива сила и полна енергија да ја канализира анксиозноста позитивно. Втората ја сакам повеќе.“
Таа додава дека откако почнала да патува, се пронашла себеси и сфатила дека е родена за ова што го прави. Научила како да ја совладува анксиозноста преку еден креативен начин.
„Интересно е што, пред да одам на пат, се подготвувам психички и во глава ми се појавуваат безброј прашања, премногу размислувам за тоа како ќе биде, со што ќе се сретнам таму, ми се пројавува страв од непознато, доживувам благи панични напади и итн. Меѓутоа кога ќе стапнам на местото, кога ќе се соединам со природата, кога ќе го почувствувам воздухот полн со мириси, сè тоа се брише, сите залудни тревожења ги снемува“, искрена е Паскоска.
Покрај тоа што обожава да патува, Паскоска сака и да танцува. Љубовта кон танцот ѝ се родила уште како дете и го смета за свој медиум. Пробала да посетува школо за танц, но се откажала откако сфатила дека ѝ е премногу вештачки да учи нечии чекори. Сепак, иако самоука, и покрај сите препреки кои ги доживеала, успеала да го исполни сонот да настапува по дискотеки.
„Сето тоа апстрактно парче емоција, кое вирее од длабочината на мојата душа, тоа што не можам со зборови да го искажам, го покажувам преку танцот било да е гнев, нервоза, презаситеност, бес, па и радост, љубов и среќа. Танцот исто така се вбројува во низата на „медикаменти” кои ми помагаат при анксиозноста и други човекови состојби на умот. Додека танцувам, јас дишам полесно. Танцот и музиката се мојот лек“, вели Паскоска за „Репортер“.
Лани за време на карантинот, таа неколку пати сподели интересни видеа како танцува на електронска музика.
„Танцот е борба, преку него искажував сè што ми смета онаму каде што живеам. Видеата беа на еден начин и револт. Се стекнав со нова улога, мајка, а живееме во осудливо општество. Секој ден објавував видеа и се соочував со предрасуди, дискриминација. Ми велеа дека сум мајка и не смеам да танцувам, а се чудеа и како сопругот ми дозволува“, отворено говори таа за предизвиците со кои се соочила изминативе години.
Паскоска ги советува сите оние кои имаат анксиозност да ја прифатат како нормална, природна состојба која 99% од светот ја има.
„Заедно сме во ова сите и што побрзо се прифати, толку е подобро за себеси. Изнајдете начини преку кои ќе ја совладате, правете нешто што ве радува и преселете се на село. Јас веќе размислувам тоа да го сторам. Таму сме сите, свои на своето. Но, ако не можете, вежбајте, танцувајте, пишувајте и одржувајте го умот здрав со позитивни мисли“, додава таа.
Марија Прличкова