Рускиот ММА-борач Кожиев АК47 е уапсен откога наводно го убил локалниот доктор на американскиот остров Гуам по претходна расправија со него за ковид-вакцините. Неколку медиуми од местото Тамунинг пренесоа дека Кожиев го направил убиството минатата недела.
27-годишниот борач сега се соочува со обвинение за убиство од прв степен со смртоносно оружје и напад од втор степен исто така со смртоносно оружје. Неговата кауција наводно е одредена на милион долари.
Според еден од сведоците, Кожиев и доктор Миран Рибати, кој бил радиолог во Меморијалната болница на Гуам, се скарале во еден од станбените комплекси, каде што живеел Русинот, а потоа и физички се пресметале.
Кожиев, кој професионален борач, неколкупати бил виден како протестира против задолжителната вакцинација. Тој наводно првин го давел Рибати сè додека докторот не се онесвестил, а потоа употребил и коска од животно од оброкот што го поделиле и го пробол во грлото.
Осомничениот потоа зел и нож и уште еднаш ја пробол жртвата. Полицијата во Гуам го нашла Рибати целиот крвав, а Кожиев им ја признал вината.
View this post on Instagram
„Јас го убив, јас го убив, јас го убив“, наводно им викал тој.
Болницата во која Рибати работел излезе со соопштение во кое таа го пофали докторот за посветеноста и вештините што ги покажувал како лекар.
Сепак, оние што го познавале, како што е и ветеранот и поранешен ММА-борач – Џеј Џеј Амброуз – вели дека веста за убиството не била изненадување за него и дека неговиот колега не бил истиот човек од претходно.
„Тој беше одлична личност сè додека не престана да биде. Направивме сè што можевме за да ги предупредиме луѓето дека тој повеќе не е истиот човек“, рече Амброуз за КУАМ.