Да останевте во Белград ќе имавте музеј, тука остана само „циганка“ мајко: Пет години од смртта на Есма

 Пред пет години по кусо боледување почина кралицата на ромската музика  Есма Реџепова-Теодосиевска. Зад неа остана 55 годишна музичка кариера, традиција, име, музика, настапи… и за жал ограбен дом во Скопје  кој тоне во ѓубре и кој никако да стане музеј. Се што имаа Есма и Сево го поклонија на државата. За разлика од тука, во Брисел по неа е именувана и метростаница, а во Швајцарија еден фестивал го носи нејзиното име. Кај нас, за жал, само сеќавања…
„Изминаа пет години откако те нема. Имавте една прекрасна идеја, да оставите нешто што ќе биде поттик за младата генерација, но за жал едни обични луѓе, кои што немаат врска што е уметник, творештво и сл., ги оспоруваат вашите желби. Но, она што е најтрагично е фактот дека и сегашната власт не ја почитува вашата желба.
Можеби ќе беше подобро да останевте во Белград, каде што ве молеа да ви изградат музеј, каде и да посакавте, но ете вашиот патриотизам ве врати во Македонија, од каде и бевте избркани, само поради тоа што пеевте на ромски јазик, и ти беше само една “циганка“ .
Трагично е ова што се случува, но јас се уште имам сила да се борам“,  вели Симеон Атанасов, синот на Есма.
Животниот пат на  Есма Реџепова-Теодосиевска

На 11 декември 2016 година на 73 годишна возраст, почина кралицата на ромската музика  Есма Реџепова-Теодосиевска. Зад неа остана  55 годишна кариера со многу успеси. Кога со сопругот Стево се врати во Македонија, по распаѓањето на Југославија, Есма стана вистински музички амбасадор на својата татковина во светот. Родена е како петто дете во семејството на Чанија и Ибраим Реџепов, во мала сиромашна куќичка во центарот на Скопје.

Таткото Ибраим во април 1941 година на почетокот на Втората светска војна ја изгубил едната нога, но и како таков се трудел со сите сили да ги издржува четирите ќерки и двата сина. Беше уличен чистач на чевли, но бидејќи останал инвалид, некој постојано морал да му помага, да му ја носи кутијата со бои и четки. Покрај останатите браќа и сестри, и малечката Есма станала постојан помошник на татка си. Парите што и таа си ги заработувала всушност ги штедела за да оди во кино кое многу го сакала. Како девојче била многу бунтовна. Најмногу и пречеше што во тоа време ја понижувале со прекарот “Циганката“. Но, таа никогаш не се срамела од ниту една работа. И како деветгодишното девојче чистела и перела во богатите семејства. Од најраната младост се истакнува со прекрасен глас, дар од природата. Песната пополека почнува да и станува се на овој свет.

За Есма набргу слушнал и маестро Стево Теодосиевски. Тој доаѓа во Скопје само за да го убеди таткото на Есма да и дозволи на ќерката да настапува со неговиот ансамбл. Од тогаш во животот на Есма се се менува од корен. Стево и Есма набргу ја освојија целата Југославија со своите оригинални концерти, а потоа и целиот свет. Домот им станал стариот автомобил на Стево Теодосиевски, а немаше еден ден кога не беа по патиштата освојуваќи ја планетата со песната. Во 1960 година се преселуваат да живеат во Белград, главниот град на тогашната заедничка држава во кој ширум им се отвараат вратата на мегапопуларноста. Во Белград останаа се до распадот на Југославија, а потоа по желбата на Стево во 90-тите години се враќааат во Скопје, во кое ја изградија својата куќа на скопското “Кале“(и која по нивната смрт остана во сопственост на државата Македонија).

Со Стево Теодосиевски, Есма стапува во брак во 1968 година. Скопјани и денес се сеќаваат на нивната голема, весела ромска свадба. Есма станала толку многу популарна пејачка, па поради тоа влегла и во протоколот на претседателот на Југославија, Јосип Броз Тито кој инаку многу сакаше да ја слуша да му пее во живо.Пеела и пред голем број Председатели, кралеви, цареви, принцови, а во сеќавање останува и нејзиното искрено пријателство со големата Индира Ганди.

Есма Реџепова објави повеќе од 600 песни, кои се снимени на грамофонски плочи и касети. Имаше над 50 илјади концерти, според некои слободни проценки, и настапуваше во кој знае колку ТВ-емисии. Секако дека најмногу пееше на ромски и македонски јазик, но исто така пееше и на српскохрватски, турски, хебрејски, грчки и хинди јазик. Нејзината најпопуларна (и авторска) песна “Чае шукарие“ која и денес се пее со иста љубов на секаде, стана и официјална химна на сите Роми низ светот.

 

Scroll to Top