Албумот „Песни на исчезнувањето“, составен само од пеењето на загрозени видови птици, се најде на првото место на австралиската топ-листа. Тој зад себе ги остави некои од најголемите музички ѕвезди, како АББА, Викнд, но и божиќните хитови на Мајкл Бубле и Мараја Кери.
Албумот го создаде организацијата BirdLife Australia и го содржи пеењето на 53 загрозени видови птици во земјата. За да се снимат некои кратки звуци, биле потребни неколку часа чекање. Дејвид Стјуарт повеќе од 30 години снима ретко чуени звуци од дивиот свет на Австралија, а неговите снимки од птици се искористени на албумот.
Албумот е објавен на 3 декември и е прв албум од ваков вид кој се пласирал меѓу најдобрите пет на топ-листата. Приходите од продажбата на албумот ќе бидат искористени за конзерваторските проекти на BirdLife Australia.
Се проценува дека секоја шеста птица во Австралија има загрозен статус, односно 216 од 1.299 познати видови.