Легендарниот словенечки музичар, уметник и активист Марко Брецељ почина вчера на 71 година во Копер, соопшти Радио Копер. Тој беше основач, фронтмен и кантавтор на прогресивната рок-група „Булдожер“, со која објави три албуми. Во текот на својата речиси 50-годишна музичка кариера успеа да изврши големо влијание врз југословенската панк сцена.
„Марко Брецељ е уметник кој тешко може да се дефинира зашто во својот долг творечки живот промени неколку идентитети и во словенечката јавност се појави во разни персонификации“, изјави жирито кога му ја додели наградата „Јеж“ на РТВ Словенија.
Брецељ беше дел од групата до 1979, а по нејзиното напуштање повеќе не сакаше да зборува за неа. Потоа продолжи да работи како независен уметник, изведувајќи перформанси и водејќи го Културно-уметничкиот и мултимедијален центар во Копер. Се занимаваше и со политика, па на сите избори се кандидираше за градоначалник на Копер. Беше советник во Градскиот совет на Копер (2003-2007).