Во Малибу уапсен глумецот Мајкл Медсен

Американскиот глумец Мајкл Медсен е уапсен откако наводно упаднал на туѓ имот. Сопственикот на имотот ја известил полицијата за недозволеното влегување, по што властите го уапсиле Медсен. Глумецот е сликан како со лисици на рацете го изнесуваат од неговата куќа во Малибу. Тој добил казна од 500 долари за прекршокот и бил ослободен наредното утро, стои во полицискиот извештај.

Веста за апсењето на Медсен доаѓа само еден месец откако неговиот 26-годишен син Хадсон се самоуби со огнено оружје.

Глумецот, најпознат по филмовите на Квентин Тарантино, тогаш не криеше дека самоубиството на неговиот син војник му било вистински шок.

„Разговарав со него неколку дена претходно, рече дека е среќен, мојата последна порака од него беше „Те сакам, тато“. Чудно. Едноставно не можам да сфатам што се случи“, рече брзо потоа Медсен за „Лос Анџелес тајмс“.

Инаку Мадсен во 2019 година беше осуден на четири дена затвор и пет години условна казна, откако предизвика несреќа додека возеше во пијана состојба во Малибу. Тој бил уапсен и во 2012 година поради возење под дејство на алкохол, но тогаш бил осуден на 30 дена рехабилитација.

Scroll to Top