Снегот што од ноќеска паѓа во Македонија, ја завеа Попова Шапка. Скијачките патеки се блокирани, ски-лифтовите не работат, а полицијата со возила пренесуваше луѓе нагоре, од подножјето на планината до паркингот, оти патеката не е проодна.
На Шапка, каде што изминатите викенди беше преполно со туристи и скијачи, сега скоро и да нема луѓе. Малкуте посетители што решија денот да го поминат на снег не можат да скијаат, оти снегот не престанува да паѓа. Проблем за посетителите е и маглата. Повеќето луѓе се во затворените објекти на Шапка и времето го поминуваат со кафе и греано вино. Само малкумина, претежно деца, се на снегот и учат да скијаат во делот покрај ски-лифтовите.
Фото и текст: Редакција Репортер