Откако пред неколку дена во Киев беше бомбардирана зоолошката градина, животните се сега безбедно пренесени во зоолошката во Познан, Полска. Екипа од полската ЗОО, четири дена работеше на евакуацијата на дел од животните и тие вечера вечерта ја преминаа украинско-полската граница. Во текот на спасувачката мисија, екипата и животните поминале низ најризичните воени зони во земјата. Поддршка за нивниот подвиг пристигна од многу страни, а луѓето прашуваа каде може да донираат пари или храна за животните.
Во изминатите четири дена, екипата од зоолошката постојано пишуваше за сè што им се случува по патот, за предизвиците со кои се соочиле и како реагирале животните. Велат, сите заедно преживеале голем стрес, но стигнале на безбедно на крајната дестинација.
„Конечно стигнавме во Познан од Киев. По долгото патување, ги сместивме животните во нашата зоолошка, им дадовме храна, и сега сите заслужуваме малку одмор. Од утре почнуваме со нова мисија, да ги прилагодиме на новата средина во којашто дојдоа, но знаеме дека ќе успееме“, напишаа на Фејсбук од зоолошката.