Најудобните душеци за спиење во своето јадро ја имаат специјалната јаглеродна жица произведена во „Брако“од Велес
Популарните бокс – спринг кревети во својата основа имаат жичани јадра кои се произведуваат од специјална жица, која во државава единствено се произведува во „Брако“ од Велес. Се изработува како ладно влечена жица од висококвалитетна суровина со висока и средна содржина на јаглерод. Во процесот на извлекување, жицата е хемиски третирана. Хемискиот состав е според стандардот EN16120-2, а механичките особини според стандардот EN10270-1.
„Со најновата инвестиција во современ машински парк за производство на високо и средно јаглеродна жица, планираме месечното производство од 200 тона, да го зголемиме на 600 тона“ – велат одговорните од програмата за жичано производство.
Опружната жица е 95 проценти наменета за извоз, а само 5 проценти за домашен пазар. Се произведува со дијаметар од 1,3 мм до 3 мм и се испорачува во котури од 250 до 500 килограми.
Жичаното производство е една од првите производствени програми во компанијата која континуирано се развива со низа инвестициски активности во технолошки и просторни капацитети. Оваа програма опфаќа и производство на клинци, жарена жица, поцинкована жица, универзално жичано плетиво и бодликава жица.
Од 20-ти јуни до 24-ти јуни 2022 година во Дизелдорф, на меѓународниот саем на жичани производи под слоганот „Join the best“, „Брако“ со свој штанд ќе им се придружи на најдобрите производители во светски рамки, презентирајќи ги своите производи. Главен предизвик со презентацијата на „Wire Dusseldorf“ е очекувањето за постигнување на целта од 3000 тона месечно производство во наредните четири години.