Три месеци по смртта на музичарот Аки Рахимовски, денеска во Скопје почина неговата мајка. Веста на Фејсбук ја објави новинарката Мирјана Василева, која напиша дека Ана сега конечно е со својот син, легендарниот пејач на „Парни ваљак“.
„Патувај во божјата светлила тетка Ана, сигурно ќе те дочека синот Аки Рахимовски, почивај во мир“, напиша таа.
Аки, почина на 22 јануари оваа година во Ново место, Словенија. Дента пред својата смрт, Рахимовски планирал да дојде во Македонија и да ја посети својата мајка. Вечерта тој телефонски разговарал со пријателот Здравко Ситновски во Скопје и се договорил наредниот ден Здравко да го пречека на аеродромот, но, во меѓувреме почина, пренесе „Вечерњи.хр“.
Аки Рахимовски, почина на 67 години. Според неговиот менаџер, на Аки му се слошило и тој веднаш бил однесен во болница. Во 2018 година имаше мозочен удар, но откако поминаа неколку месеци, тој велеше дека закрепнал од болеста и ги променил животните навики.
Рахимовски беше фронтмен на групата „Парни ваљак“ и со нив сними 18 студиски албуми. Засекогаш ќе остане запаметен по песните „Јесен у мени“, „Све још мирише на њу“, „Моја је пјесма лагана“, „Ухвати ритам“ и други. Хитот „Јесен у мени“ го запеа и во дует со Тоше Проески.
Беше погребан во алејата на великаните во Загреб, а ковчегот беше прекриен со македонското знаме.
Неколку дена по неговата смрт, од Град Скопје најавија дека една улица ќе го носи неговото име.
Почивај во мир мајсторе на емоции: Од Бајага до Северина, цел регион се простува од Аки