Вал Килмер ќе се врати во „Топ ган“, а во филмот ќе му биде вратен гласот што тој го изгуби во битката со ракот на грлото во 2017 година. Килмер стана светски познат по улогата на Том Ајсмен Казански, во првото продолжение на „Топ ган“ од 1986 година.
По овој филм тој глумеше во голем број познати филмови, а најпознат беше по улогата на Џим Морисон во The Doors од 1991 година и Брус Вејн во „Бетмен засекогаш“ во 1995 година.
Луѓе блиски до него велат дека неговата репутација во неговите најдобри денови била многу лоша и дека тој бил човек со кого тешко се работело.
„Не ја сакав улогата во ‘Топ ган’. Не ме интересираше филмот и неговата приказна. Но, мојот агент кој исто така го застапуваше и Том Круз, ме натера да се запознаам со режисерот Тони Скот“, напишал Килмер во неговите мемоари од 2020 година.
Тој рече дека не се ни трудел на аудицијата, но дека ја засакал улогата откако ја добил, пишува People. Тој им се заблагодари на сите кои работеле за повторно биде во филмот и што има можност да си го слушне стариот глас.
„Благодарен сум му на целиот тим во Sonantic кој маестрално го обновија мојот глас на начин на кој никогаш не можам да замислам. Како човечки суштества способноста да комуницираме е сржта на нашето постоење, а поради ракот на грлото на другите им беше тешко да ме разберат. Можноста да ја раскажам мојата приказна со мојот автентичен глас е посебен дар“, рече Килмер.
Компанијата го избрала најдобриот глас за Килмер. Таа бирала меѓу 40 различни гласови, а резултатот го погодил и неговиот син Џек.
„Откако му го пуштивме гласовниот модел, Џек беше прилично трогнат, затоа што по долго време можеше да го слушне гласот на татко му“, рече коосновачот на компанијата Sonatic, Џон Флин.
И Том Круз рече дека е воодушевен што повторно ќе има можност да работи со Килмер.
„Отсекогаш му се восхитував, многу ми значи што повторно се собравме заедно и што тој се врати“, рече Круз за неговиот стар колега и пријател.
„Ривалството меѓу Ајсмен и Маверик беше незаборавен дел во првиот филм. Драго ми е што ќе можеме да го покажеме развојот на тој однос“, рече режисерот Џозеф Косинси.
Сцената во која Ајсмен ќе се врати доби одлични оценки и од критичарите и емотивно влијаеше на голем број фанови кои чекаат повторно да ги видат ѕвездите во акција.