„Дјуран Дјуран“, Род Стјуарт, Дајана Рос и „Квин“ ќе бидат дел од музичарите што ќе настапат на големиот концерт што ќе се одржи на 4 јуни во чест на платинскиот јубилеј на кралицата Елизабета Втора, односно 70 години од доаѓањето на британскиот престол. Пред Бакингамската палата, по повод 70 години од доаѓањето на тронот на кралицата, ќе настапат и Алиша Киз, Крег Дејвид, Андреа Бочели, Најл Роџерс и други. Настапот на Елтон Џон ќе биде однапред снимен бидејќи е на европска турнеја.
На големиот настан ќе се појават и Дејвид Атенборо, тенисерката Ема Радукану, Дејвид Бекам и актерите Стивен Фрај и Џули Ендрјуз. Настанот во живо ќе го следат 22.000 луѓе, а се очекува да го гледаат и неколку милиони луѓе во преносот.
Два и полчасовниот концерт ќе биде еден од централните настани во прославата на јубилејот, што ќе се одржува за време на четиридневен празник во јуни.