Русинот кој беше осуден заради цртеж на ќерка му, избега од притвор

Русинот Алексеј Москалијов, кого полицијата го притвори поради цртежот на ќерка му Маша, избега од притвор. Тој беше осуден во вторникот на две години затвор, откако од школото го пријавија заради цртежот на Маша со кој таа ја осуди војната на Русија врз Украина.

Локацијата на Алексеј во моментов не е позната. Од судот рекоа дека побегнал од домашен притвор. Алексеј не е со ќерка му откако беше ставен во домашен притвор на почетокот на овој месец, а таа беше префрлена во дом за малолетни деца, во нивниот роден град Јефремов, јужно од Москва.

Случајот брзо предизвика бес меѓу руските активисти за човечкови права. Беше создадена и онлајн кампања за двајцата повторно бидат заедно. Адвокатот на Алексеј, Владимир Билијенко, рече дека го нема видено својот клиент од понеделникот и дека не знае каде побегнал.

„Да бидам искрен, во овој момент сум шокиран“, рече тој за „Ројтерс“.

Додаде и дека ќе вложи жалба на пресудата и дека Маша за тоа време ќе остане во дом.

Билијенко ја посети Маша во домот во вторникот и излезе со цртежот кој таа го нацрта за нејзиниот татко. „Тато ти си мојот херој“, пишува на писмото кое Маша го нацрта за Алексеј.

Јевгениј Пригожин, основач на групата „Вагнер“, која се бори на страната на Русија во Украина, ја нарече пресудата неправедна и побара таа да се преиспита.

„Особено имајќи го во предвид фактот дека неговата ќерка Маша ќе биде принудена да порасне како сираче“, напиша Пригожин во писмото до обвинителот и го ојбави на платформата на неговата прес служба на „Телеграм“.

Во заедничката жалба со адвокатите поврзани со „Вагнер“, Пригожин побара на адвокатите да им се дозволи да работат за бранителот.

„Ние ја водиме војната против злото заради иднината на нашите деца“, рече Пригожин.

Алексеј е осуден поради коментарите кои ги објави онлајн во врска со војната во Украина. Но, истрагата почна откако неговата ќерка Маша во април минатата година нацрта руски ракети како паѓаат врз украинска мајка и дете, поради што од школото повикаа полиција.

На цртежот има и украинско знаме со зборовите „Слава на Украина“ и руска тробојка со зборовите „Не за војната“. Полицијата почна да го испрашува Алексеј за активностите на социјалните мрежи и првично беше казнет со 35.000 рубљи, околу 460 долари, поради коментарите кои биле критични кон руската војска. Во декември истражителите почнаа уште една постапка против него поради сомнеж дека ги дискредитирал вооружените сили, овој пат на основа на објава на социјалните мрежи која ја напишал во јуни.

 

Scroll to Top