Холивудскиот глумец Хелмут Бергер, познат по улогата во „Кум 3“, почина на 78 години. Тажната вест ја соопштија од неговата агенција. Австрискиот актер, беше познат и по улогите и во филмовите на Висконти „Conversation Piece“, „The Damned“ и „Ludwig“ во 1973 година, во кој го игра принцот од Баварија заедно со актерката Роми Шнајдер како Сиси.
Често играше улоги на аристократи, како во „The Garden of the Finzi-Continis“ во 1970 година, во режија на Виторио де Сика. Познат е и по улогата во филмот „Dorian Gray“. Беше во љубовна врска со Висконти сè до неговата смрт во 1976 година.
Хелмут Бергер беше ѕвезда на европскиот филм во 60-тите и 70-тите години, но целиот живот му беше проследен со разни скандали со дрога, обиди за самоубиство и бурни врски и скандали.
Својата автобиографија ја објави во 1998 година под наслов „Јас“ (Ich) во која напиша и поглавја како „Во кревет со Мик Џегер“ и слично. Подоцна играше улога во „Кум 3“ во 1990, а неодамна во филмот „Saint Laurent“ во режија на Бертранд Бонел, во кој го играше остарениот моден дизајнер Ив Сен Лоран.