Гледачите се навикнати Лиам Нисон да го гледаат претежно во акциони филмови и трилери, но тој имаше неколку улоги кои се сосема различни. Покрај глумењето во божиќната класика Love Actually, во 2020 година се појави и во драмата Made in Italy. Тој филм неодамна се најде во фокусот на јавноста и луѓето не можат да престанат да го фалат.
Заплетот на филмот на Џејмс Д’Арси се врти околу Џек Фостер (Мајкл Ричардсон) и неговиот татко Роберт (Лиам Нисон). Ричардсон е и син на Нисон во реалниот живот.
Џек се разведува, а семејството на неговата сопруга поседува уметничка галерија со која тој раководи, па тој завршува без работа. Сакајќи да отвори своја галерија, тој одлучува да ја продаде викендицата што ја поседуваат со неговиот татко во Италија, која и припаѓала на неговата покојна мајка.
Татко и син одат во Италија да погледнат во трошната куќа. Тие се впуштаат во авантура за ремоделирање и наоѓаат спомени од мајката на Џек. Потоа започнува нивното патување низ кое повторно ќе се обидат да се зближат.
И покрај малите 40 проценти на Rotten Tomatoes, филмот е широко коментиран во групите на Фејсбук кои собираат филмофили. Луѓето велат дека филмот ги допрел и дека сите треба да го гледаат.
„Тоа е еден од најдобрите филмови што сум ги гледал долго време“, „Дефинитивно заслужува пет ѕвезди“, „Одличен филм, ми се допаѓа“, се дел од коментарите.
Многу гледачи забележале паралели помеѓу заплетот и реалната приказна на Нисон и Ричардсон. Имено, сопругата на Нисон и мајка на Ричардсон, актерката Наташа Ричардсон, загина во 2009 година како последица на несреќа на скијање.