Наследниците на американската пејачка Дона Самер ја обвинуваат рап ѕвездата Канје Вест дека украл делови од нејзината хит песна I Feel Love за неговиот нов албум.
Во тужбата поднесена во Калифорнија, сопругот на починатата пејачка, Брус Судано, тврди дека Вест и Тајрон Грифин, извршиле „еклатантна кражба“ откако нивното барање да ја искористат песната на нивниот заеднички албум „Vultures 1“ било одбиено.
Во тужбата се вели дека парот користел „исклучително препознатливи“ делови од песната на Дона Самер во нивната нова песна Good (Don’t Die) и покрај тоа што нивното барање било одбиено поради „контроверзното минато“ на Вест.
Судските документи сугерираат дека барањето за користење на песната било поднесено на 31-ви јануари и последователно одбиено, но албумот сепак бил објавен една недела подоцна, на 10-ти февруари.
За тоа време, претставници на Вест и Грифин се обратиле до издавачката куќа на Дона Самер за да побараат одобрение за песната, што исто така било одбиено, според судските документи.
Песната беше емитувана пред платформите како Spotify, iTunes и Apple Music да можат да ја отстранат, при што Вест и Грифин ја изведуваа песната на снимени концерти и онлајн клипови а собраа милиони прегледи.
Во тужбата се бара максимална отштета, што во превод значи околу 150.000 долари за „секое прекршување“. „Во прашање е заштитата на музичкото наследство на Дона Самер и една од највлијателните песни на поп музиката“, се вели во судските документи.
Самер, петкратна добитничка на Греми, почина во 2012 година на 63-годишна возраст, а една година по нејзината смрт постхумно беше примена во Куќата на славните на рокенролот.